Скопје 02

понеделник, јануари 30, 2006

Срамота!

Во денови кога е очигледно дека придонесот на Градоначалникот кон растот на Скопје во вистинска европска метропола е инфинитезимален, кога сеуште не е решен проблемот со сообраќајниот метеж, кога неможете да најдете место во градот каде може да паркирате за време на “шпицот”, кога градот е нечист, кејот е узурпиран со фолиите на кафичите од ГТЦ, кога и покрај лиценцирањето на таксистите, низ градот “хараат” диви таксисти, тој гордо прави промоција – промоција на неговата најнова песна.
И не би го пишувал ова, доколку Градоначалникот не правеше почесто промоции на проекти кои се однесуваат на афирмирањето на Скопје, наместо на афирмирањето на неговата музичка кариера. Размислував за тоа колку човек како него треба да има образ да се појави пред камера на една таква промоција, посебно во време кога Градот тоне во проблеми. Нема ли трошка срам што така помпезно ја најавува својата нова песна, во време кога нема апсолутно ништо на тема Скопје?
Без вистински лидер, Градот ќе потоне во сивило и ќе се запушти. Без проекти кои ќе водат до негов прогрес, Скопје ќе остане само еден сив и грд град на Балканот. Се надевам дека набрзо ќе се поправи впечатокот за Градоначалникот – за доброто на сите нас!