Скопје 02

четврток, ноември 23, 2006

Новини во автобускиот превоз

Покрај веста за набавка на 100 нови автобуси, од ЈСП стигна и вест дека ќе се воведе и нов систем за плаќање при возењето со нивните автобуси. Имено, станува збор за припејд картички кои ќе се издаваат еднаш, ќе бидат со важност од 9 години и на нив секој ќе може да си ја надополнува сметката со онолку пари колку што мисли дека ќе му бидат потребни. При влез во автобусот, преку посебен читач од картичката ќе биде одземени онолку пари колку што ќе чини возењето. Доколку на картичката нема доволно пари за возењето, преку посебен дисплеј ќе му се сугерира на возачот да го извести патикот дека треба да ја надополни картичката.
Со овие картички ќе се заменат досегашните хартиени билети, а нема ниту да постојат различни билети за различни линии (градски, приградски...). Исто така, ќе се намали и гужвата при влез во автобусот и возачите повеќе нема да се оптоваруваат со наплата на билети.
Парите потребни за набавка на овој систем ќе се обезбедат со дел од парите за набавка на 100 нови автобуси. Од истиот фонд ќе се искористат и средства за GPS системот кој одамна требаше да се имплементира.
Останува само да се надеваме дека со овие новини јавниот превоз ќе добие на квалитет.

вторник, ноември 07, 2006

Црвено

Често се обидувам да ги забележам лицата на оние возачи кои поминуваат на црвено. Посебен впечаток ми оставаат оние кои поминуваат на длабоко црвено (тоа е онаа сатурирана црвена боја, кога семафорот веќе неколку секунди свети црвено). Во најголем дел возачите - се смеат! Никогаш нема да разберам што има толку смешно во тоа да направиш прекршок, да поминеш на црвено светло, да си последната кола во редицата која упорно се обидува да ја помине раскрсницата додека им попречува на останатите возачи и пешаци? Никогаш!

Мирен протест против визниот режим

Во четврток, 9-ти Ноември на улиците во Скопје ќе се одржи марш против визниот режим во организација на Интернационалните младински организации AEGEE-Скопје и JEF Македонија, Унијата на Средношколци на Македонија, Младинскиот Образовен Форум, Балкан ИДЕА Скопје и Сојузот на Извидници на Македонија. Протестот започнува во 11 часот пред Владата на Република Македонија и продолжува по скопските улици, за да заврши пред зградата на Европската комисија на улица Македонија. Маршутата можете да ја видите тука. Програмата и други информации можете да надете на следниот блог.

петок, септември 08, 2006

Честит Ден на независноста


Ви го честитам Денот на независноста. Нека ни се множат! :-)

четврток, септември 07, 2006

Случувања

Во деновите кои следат имате вистински повод да излезете од дома. По синоќешното организирано следење на фудбалскиот натпревар Македонија-Англија на видео бимови на плоштадот и во парк, денес се случува на големо најавуваниот концерт на Pet Shop Boys. Задутре веќе е Денот на независноста. Се планира свеченост на плоштадот на која меѓу другите ќе настапи и Танец со Љубовна приказна. Бев на премиерата на Љубовна приказна која се одржа пред Нова година во МНТ и искрено ја препорачувам на сите.
Конечно се враќаат прославите за Денот на независноста по четиригодишно игнорирање. Овој пат станува збор за 15 годишен јубилеј, па срамота ќе беше да останеше необележан.

четврток, август 31, 2006

Интернационално рели на олдтајмери

Оваа година по втор пат ќе се организира Рели на олдтајмери, но овојпат релито ќе има интернационален карактер. Се очекуваат гости од соседните земји: Бугарија, Србија, Грција... Според правилникот, право на учество на релито ќе имаат возила произведени најдоцна до 2 септември 1976 година за класите Олдтајмери и возила произведени најдоцна до 2 септември 1986 за класата Јангтајмери.
Според програмата, предвидени се две етапи. Првата етапа е од центарот на Скопје до АМСМ, а втората е од АМСМ до Музејот на Град Скопје (Стара железничка станица). Во склопот на двете етапи ќе има специјален дел - испит на спретност и на точност.
АМСМ најавија дека автомобилите што ќе учествуваат на ова рели ќе бидат фотографирани и нивните фотографии ќе бидат објавени во првиот каталог на олдтајмери во Македонија.
Отварањето на изложбата на Олдтајмери е закажана за 10 часот и ќе трае до 11 часот кога е закажан почетокот на првата етапа од релито.

Куќен ред

Во период кога Скопје полека се полни со луѓе од другите градови, нормално е да се почувствува поголема раздвиженост на луѓе од разни краишта на земјава, со поразлични навики од нашите (скопските). Сурфајќи по интернет налетав на интересно известување, во кое им се презентира куќниот ред на една зграда на новите потстанари. Секако, на тоа известување неизбежно следи и одговор. Очигледно, некој на некого ептен му дошол преку глава!

понеделник, август 14, 2006

I'm back...

По кратка пауза поради летниот одмор :-) повторно сум тука за да напишам пост.
Очекував Скопје да биде попразен летово, но бев изненаден кога видов дека ноќниот живот баш и не замрел како во претходните години. Навистина, во шпицот на летото не бев во Скопје за да можам најреално да судам, но она што го видов на почетокот на Август ме изненади. Можеби се забележува помалото присуство на возила низ улиците на градот, но кафичите на кејот, на пример, беа навистина полни. Тоа ме израдува.

среда, јули 05, 2006

Бесплатно паркирање

Според информацијата од дневните весници, почнувајќи од 1-ви Јули паркирањето на сите паркинзи кои се опремени со дигитални рампи во првите 30 минути ќе биде бесплатно. Причина за ваквиот систем за тарифирање се жалбите на возачите чии автомобиле биле „собрани“ од Пајак службата. Според нив, возилото било непрописно паркирано, но не подолго од 5 минути колку што им требало „да завршат“ некаква работа. Затоа, „Градски паркинг“ се одлучиле да не наплаќаат за паркирање пократко од 30 минути. Одлуката сто процентно е во корист на граѓаните. Сега останува на нас да докажеме дали вистинската причина за непрописно паркирање е скапиот паркинг или старата добра навика да паркираме кај што ќе стигнеме. :-)