Скопје 02

четврток, ноември 23, 2006

Новини во автобускиот превоз

Покрај веста за набавка на 100 нови автобуси, од ЈСП стигна и вест дека ќе се воведе и нов систем за плаќање при возењето со нивните автобуси. Имено, станува збор за припејд картички кои ќе се издаваат еднаш, ќе бидат со важност од 9 години и на нив секој ќе може да си ја надополнува сметката со онолку пари колку што мисли дека ќе му бидат потребни. При влез во автобусот, преку посебен читач од картичката ќе биде одземени онолку пари колку што ќе чини возењето. Доколку на картичката нема доволно пари за возењето, преку посебен дисплеј ќе му се сугерира на возачот да го извести патикот дека треба да ја надополни картичката.
Со овие картички ќе се заменат досегашните хартиени билети, а нема ниту да постојат различни билети за различни линии (градски, приградски...). Исто така, ќе се намали и гужвата при влез во автобусот и возачите повеќе нема да се оптоваруваат со наплата на билети.
Парите потребни за набавка на овој систем ќе се обезбедат со дел од парите за набавка на 100 нови автобуси. Од истиот фонд ќе се искористат и средства за GPS системот кој одамна требаше да се имплементира.
Останува само да се надеваме дека со овие новини јавниот превоз ќе добие на квалитет.

вторник, ноември 07, 2006

Црвено

Често се обидувам да ги забележам лицата на оние возачи кои поминуваат на црвено. Посебен впечаток ми оставаат оние кои поминуваат на длабоко црвено (тоа е онаа сатурирана црвена боја, кога семафорот веќе неколку секунди свети црвено). Во најголем дел возачите - се смеат! Никогаш нема да разберам што има толку смешно во тоа да направиш прекршок, да поминеш на црвено светло, да си последната кола во редицата која упорно се обидува да ја помине раскрсницата додека им попречува на останатите возачи и пешаци? Никогаш!

Мирен протест против визниот режим

Во четврток, 9-ти Ноември на улиците во Скопје ќе се одржи марш против визниот режим во организација на Интернационалните младински организации AEGEE-Скопје и JEF Македонија, Унијата на Средношколци на Македонија, Младинскиот Образовен Форум, Балкан ИДЕА Скопје и Сојузот на Извидници на Македонија. Протестот започнува во 11 часот пред Владата на Република Македонија и продолжува по скопските улици, за да заврши пред зградата на Европската комисија на улица Македонија. Маршутата можете да ја видите тука. Програмата и други информации можете да надете на следниот блог.