Скопје 02

вторник, мај 16, 2006

Авто трки на ридски патеки


Во неделата на Водно се одржа првата од шесте ридско-брзински трки кои се планирани да се одржат оваа година. Убавото време придонесе за огромна посетеност на љубителите на авто-мото спортот на падините на Водно. Одложен старт на трката за околу 30 минути и гледачи кои претрчуваат на патеката беа само слика за слабата организација на организаторот, но и уште послабата култура на гледачите.
Квалитетот на трката го зголеми присуството на повеќе странски возачи од Грција, Бугарија, Србија и Црна Гора, Босна и Херцеговина и Чешка. Нивното бројно присуство беше поради фактот што оваа трка се бодуваше и за FIA Challenge Cup. Од идната година, барем како што се најавува, трката на Водно ќе се именува како Голема награда на Град Скопје.
Следната ридко-брзинска трка е повторно на Водно на 4 јуни, додека на 11 јуни е првата кружна трка на автодромот во Кичево. Кружна трка во Скопје може да гледаме дури на 17 септември. Повеќе информации во врска со авто-мото трките и резултатите од истите можете да добиете на сајтот на АМСМ Спорт.

сабота, мај 13, 2006

Поскапување на јавниот автобуски превоз

Од понеделник ќе поскапе автобускиот превоз за 5 денари. Досегашната цена од 25 денари за билет за едно возење на ЈСП ќе се промени во 30 денари, додека пак билетот купен во автобус ќе чини 35 денари, наместо досегашните 30 денари. Истото важи и за приватните автобуски, со тоа што кај нив цената од 20 денари за едно возење ќе се корегира во 25 денари.

Изговор за поскапувањето е високата цена на нафтата. Но, она што мене ме изненадува е што цената на автобускиот превоз не се промени за време на најголемите скокови на цената на нафтата на светските берзи. И уште повеќе, за целиот овој период ЈСП ја спроведе и програмата за еколошки автобуси, при што определен број на автобуси возат на плин, а која беше финансирана од Градот и Владата.

Цената од 30 денари и не е така висока, но покачување од 20% сигурно нема да помине така незабележително за граѓаните.

Квалитетот на превозот, за жал, останува ист.

понеделник, мај 08, 2006

Уништени шеталишта

Сите шеталишта во градот се узурпирани од „кафанџиите“ кои во желба за поголем профит поставуваат летни тераси со многу поголеми димензии отколку што би требало да бидат. Се запрепастив кога го прочитав текстот под наслов Крадат клупи за да стават кафеански маси на интернет изданието на Вест. Верував дека оние кои ги „распослале“ терасите по шеталиштата барем имаат дозвола за тоа. Текстот кој го прочитав дава сосема поразлична слика. Уште повеќе што станува збор за криминал, а не само неисполнување на обврска кон општината.
Апсурд е цело шеталиште во градското подрачје да биде „окупирано“ со маси и столици од блиските кафичи. Најголемиот апсурд (според мене) е како терасите од кафичот Barcelona и двата новоотворени кафичи во приземјето на Палатата Македонија буквално го блокираат шеталиштето, оставајќи околу два (или помалку) метра простор за поминување.
Наместо слика на убав европски град имаме слика на град со грдо натрупани летни терси кои го блокираат слободното движење на граѓаните.