Скопје 02

понеделник, јануари 30, 2006

Срамота!

Во денови кога е очигледно дека придонесот на Градоначалникот кон растот на Скопје во вистинска европска метропола е инфинитезимален, кога сеуште не е решен проблемот со сообраќајниот метеж, кога неможете да најдете место во градот каде може да паркирате за време на “шпицот”, кога градот е нечист, кејот е узурпиран со фолиите на кафичите од ГТЦ, кога и покрај лиценцирањето на таксистите, низ градот “хараат” диви таксисти, тој гордо прави промоција – промоција на неговата најнова песна.
И не би го пишувал ова, доколку Градоначалникот не правеше почесто промоции на проекти кои се однесуваат на афирмирањето на Скопје, наместо на афирмирањето на неговата музичка кариера. Размислував за тоа колку човек како него треба да има образ да се појави пред камера на една таква промоција, посебно во време кога Градот тоне во проблеми. Нема ли трошка срам што така помпезно ја најавува својата нова песна, во време кога нема апсолутно ништо на тема Скопје?
Без вистински лидер, Градот ќе потоне во сивило и ќе се запушти. Без проекти кои ќе водат до негов прогрес, Скопје ќе остане само еден сив и грд град на Балканот. Се надевам дека набрзо ќе се поправи впечатокот за Градоначалникот – за доброто на сите нас!

понеделник, јануари 23, 2006

Улица Македонија - трет дел!


Неколку пати до сега беше споменат планот за обнова за третиот дел од улицата Македонија, конкретно делот од кината до Старата железничка станица. Според најавите, овој дел од улицата ќе биде направен идентично како и останатите два дела, така што ќе се добие една целина. Но, дефинитивно нема да биде пешачка зона.
Секако, за поздравување е идеата за обновување третиот дел од уллицата Македонија. Впрочем, на тој дел, спроти хотелот Бристол, нема никаква содржина, освен неколку несредени грмушки никнати во зелениот појас и патеки за пешаци со распукан бетон. Веднаш до нив, разубавениот дел пред Музејот на Град Скопје, на кој има дури две статуи, со одлично уредена околина. Контраст.
Искрено, целата таа идеја за шеталиште кое е прекинато со важни и прометни улици во централното градско подрачје воопшто не ми се допаѓа. Ако тргнете од плоштадот Македонија во правец кон Старата железничка станица, ќе мора една улица да поминете чекајќи на семафор, а друга улица – чекајќи на добрата волја на возачите да застанат и да ги пропуштат пешаците. За целото тоа време, вие не смеете да заборавите дека одите по шеталиште. Тука нешто не чини во сликава...
Но, факт е дека шеталиштето по улицата Македонија доби на живот. Збогатено со одлично дизајнирана урбана опрема, а особено интересни кружни клупи под малите сенки на младите дрвца, шеталиштето нуди можност за дружење, пријатни средби со пријателите или единствено одмор по долго пешачење низ центарот на градот. Многу често, разни концерти и улични претстави беа организирани на самата улица, што и прилега на на едно централно-градско шеталиште.

сабота, јануари 14, 2006

Кога е црвено - црвено е и точка!

Неможете да поминете една раскрсница во Скопје, а да не ги забележите сообраќајните деликвенти кои поминуваат на црвено. Најчесто, тоа е и проблемот за сообраќајниот метеж. Секогаш се наоѓа барем по еден “паметен” кој поминува на црвено, со што ја блокира раскрсницата и не им овозможува слободно движење на оние автомобили за кои свети зеленото светло на семафорот.
Целата таа ситуација не само што создава непотребни проблеми и гужви низ градот, туку влијае и врз психата на луѓето. Неретко се случува некој некого да опсуе за сообраќаен прекршок, па зависно од нивото на фрустрација, целиот ден му тргнува наопаку. Јасно, фрустрацијата поминува само ако ја префрли на некој друг, па така најчесто страдаат неговите колеги или клиенти. Верувам, не би сакале да биде една од тие категории, токму тој ден. Но, кој воопшто да погоди дека токму тој ден вашиот колега имал немирно утро обидувајќи се со својот автомобил да стигне што е можно поскоро на своето работно место?
Значи, кога е црвено – црвено е и точка! Нема повеќе: “Ај и јас да поминам, колку да не чекам!“ Зелено светно ќе има повторно за некоја минута. Не создавајте дополнителни нервози за останатите возачи. Со минута-две доцнење на работа нема да го изгубите работното место. А, ако навистина доцните повеќе, наместете го будилникот наутро да ви ѕвони малку порано.

вторник, јануари 10, 2006

Неправилно паркирање

Конечно некој нешто направи за хендикепираните лице во градов. Дури, собраа и доволно потписи за да се донесе закон со кој ќе се регулираат нивните права и обврските на останатите кон нив. За еден град каков што е Скопје, мислам дека ова беше повеќе од потребно. Во Скопје е голем проблем да се најде слободно место за паркирање, а особено кога станува збор за хендикепирано лице, проблемот се мултиплицира со 100.
Одличен потег беше на Собранието на Република Македонија што со релативно мала инветиција направи навистина голема работа. Со поставување на рампи се овозможи пристап на хендикепираните лица до собраниската зграда. Обележани беа и неколку паркинг места како паркинг простор за хендикепирани лице. Сметам дека е тоа одличен потег за една државна институција и пример кој треба да го следат и останатите институции и фирми, а особено училиштата и факултетите.
Добро, бидна. Изникнаа специјално обележани (со хоризонтална и вертикална сигнализација) паркинзи. Е, сега некој треба да ги почитува. Тука веќе треба да проработи совеста на граѓаните на Скопје. Но, таа изгледа не сака баш да проработи.
Во Вест може да прочитате за една случка која се однесува на неправилното паркирање и последиците од тоа. Секоја чест на Претседателот на Собранието на Република Македонија, Љупчо Јордановски, за неговата одлучност да се казни несовесниот возач, иако станува збор за возач на службено возило.
Од целиот текст, на крај ќе ја истакнам висинаа на казната за сообраќајниот прекршок што се однесува на неправилно паркирање на простор наменет за паркирање на хендикепирани лица. Висината на казната е 4000 денари. Сосема доволно за да се казни возат за тоа што навреме не ја разбудил совеста.