Милениумски крст
Комисијата што завчера го посети крстот утврдила дека стабилноста на објектот е нарушена бидејќи нема хидроизолација на бетонските плочи, завртките на металната конструкција не се доволно затегнати, челикот ‘рѓосува, а не се заштитени ниту бетонот, ниту каблите за струја, кои можат да бидат опасни за посетителите... На состанокот што го одржале потоа, тие заклучиле дека ако наскоро не се отстранат овие недостатоци, објектот може да се доведе во опасност од уривање. Градските власти велат дека не можат да се вклучат во никакви активности околу Милениумскиот крст, затоа што објектот не бил во нивна надлежност. (Време)
Замислен како landmark на Скопје, но никогаш не го доби сјајот што му следуваше. Почнаа да го градат со задоцнување од две години, под изговор дека недостасуваат пари за неговата изградбе. Колку што се сеќавам, недовршен експресно беше пуштен во употреба пред парламентарните избори... Можеби и грешам.
Денес ништо од најавениот ресторант на две нивоа со панорамски поглед на Скопје. Ништо од платформата на која секој оној кој ќе се искачи на крстот ќе има можност да ужива во највисоката панорама на Скопје. Ништо од жичарата која треба да ги пренесува туристите директно до врвот на Водно.
Крстот остана како парчиња метал во жолта боја да штрчи над Скопје. Рестрикциите на струја му го намалуваат сјајот во ноќните часови. Куп ѓубре околу него како одраз на културата на луѓето од градот над кој стои. Опасен за љубопитните кои се качуваат по незаштитените скали.
За овој објект МПЦ и Фондацијата "Милениумски Крст" (па дури и Градот) треба нешто повеќе од декларативно се заложат. Можеби решение е давање на објектот под концесија на човек или фирма која е способна да инвестира за да го доврши и да стопаниува со него. Секое решение кое ќе ги помести работите од мртва точка е добредојдено. Скопје го заслужува овој објект.